
Пред два месеци лабораторијата при Здравствениот дом Панче Караѓозов Штип започна со испитување на антитела со кои се испитува колкав е титарот на истите во организмот по прележана инфекција или по аплицирање на вакцина против Ковид 19.
„Според досегашните наши испитувања што ги правиме овие два месеца, најголем број антитела дава вакцината на „Фајзер“, како и прележаните пациенти, за разлика од кинеските „Синовак“ и „Синофарм“, коишто даваат помалку антитела. Велиме дека ефективно дејство би имале оние пациенти коишто како резултат би добиле над 1000 ау/мл и со тоа имаме некое заштитно дејство. За разлика кај оние кои имаат под 1000, нивното дејство би било мало, пониско“, вели Ташкова.
Испитувањата на антителата се вршат со најсовремена метода на американскиот производител кој што е лидер во лабораториската дијагностика. Заинтересираност од страна на граѓаните има, велат надлежните медицински лица, со тенденција дека истата ќе расте.
„Антителата би било најпогодно да се направат, ние велиме најмногу антитела се создаваат по примена втора доза, некаде околу трета до шестата недела, како и по прележана инфекција, каде што потоа нивото на антителата се намалува во организмот. Значи, најдобро би било месец – два после прележана болест или апликација на која било вакцина да се испитаат антителата во организмот. Заинтересираноста е доста голема, сега се надевам дека ќе биде уште поголема. Ние само два месеца ги работиме овие анализи, а понатаму мислам дека ќе има и зголемен интерес кај граѓаните“, додава Ташкова.
Од месец мај во оваа лабораторија се испитуваат и хормоните на тироидната жлезда, туморите на простата , како и дедимерите на пост ковид пациентите. Од 1 ноември се воведуваат и нови анализи кои ќе се препишуваат од страна на матичен гинеколог.
„Од први ноември нашата лабораторија ќе воведе и нови анализи, коишто ќе може да се препишуваат од страна на матичните гинеколози на лабораториски упат ЛУ-1в. Значи, тоа се репродуктивните хормони и тумор маркерите, како и специјалистите од секундарното здравство на ЛУ-2 обрзец“, потенцира докторката.
Овие анализи ќе бидат со упат од матичен лекар и ќе се наплаќа само партиципација, за разлика од испитувањата на антитела за кои не е потребен упат и се плаќаат на приватно по 730 денари.
Лаура Стојанова МНет