
Од први декември постојните пластични ќеси ќе се заменат со биоразградливи, кои ќе чинат 15 денари. По ваквата одлука на Владата, продавач на ќеси, кој продаваше на градскиот пазар во Штип, вели дека е неизвесно што ќе се случи за скоро месец и половина. Поради тоа не зема залихи, туку набавува недела за недела.
„Како што сме известени, треба да бидат биоразградливи. Пластиката треба да се замени со биоразградлива смеса. Како точно ќе биде, не знаеме. Фабриките што ќе произведуваат, ние тоа ќе го продаваме. Луѓето купуваат малку повеќе за да направат залихи, ама мислам дека тоа не е решение, туку треба да видиме какво решение ќе донесат фабриките. Тие треба да ги променат суровините. Пластиката да се замени со биоразградливата“, вели тој.
Имајќи предвид дека ги презема ќесињата, а не ги произведува, тој вели дека фабриките, веројатно, знаат или треба да одлучат на кој начин ќе ја извршат промената на суровините. Сепак, сега засега тој ги продава по истата постојана цена.
„Сѐ уште по стара цена одиме ние. Целото пакување со 200 броја е 100 денари, поголемите се 150 денари и најголемите 130 денари. Не, немам залихи. Јас продава недела за недела оти не знам што ќе се случи“, додава тој.
Колку за потсетување, ваквата мерка е дел од законот за управување со отпад. Пластичните ќеси ќе бидат целосно вон употреба, а поголемиот дел од парите ќе одат во Фондот за заштита на животната средина.
Ребека Спасова МНет