70 случаи на западнонилска треска во Македонија, пет нови за една недела и девет починати

70 регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија заклучно со 22 септември покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје. Од нив, 65 се лабораториски потврдени, а пет се водат како веројатни случаи. Во изминатата недела се регистрирани пет нови случаи, од кои три во Скопје и по еден во Велес и Тетово.

Најголем број заболени има во Скопје – 63 случаи, три се регистрирани во Велес, а по еден случај има во Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово. Со новиот случај, Тетово е меѓу градовите во кои досега е евидентирана западнонилска треска.

Дури 69 од регистрираните случаи се автохтони, односно заразувањето се случило во земјава.

Од регистрираните случаи, 52 или 74,3% се машки, а 18 или 25,7% се женски. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години, 57 или 81,4%, седум се лица на возраст од 50-59, две лица на возраст од 40-49 години, едно лице на возраст од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години. Просечната возраст изнесува 66,5 години

Кај 68 пациенти се развила невроинвазивна форма на болеста, поради што биле хоспитализирани. Досега се испишани 50 пациенти, деветмина сè уште се на болничко лекување, а девет лица починале. Сите починати биле мажи, а кај осум од нив биле регистрирани и други хронични заболувања.

Здравствените власти апелираат граѓаните да продолжат со мерките за заштита од убоди од комарци. Се препорачува користење репеленти, поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, како и отстранување на застоена вода во дворовите, терасите и околу домовите, каде што комарците можат да се размножуваат.

Ева Тушевска, М-Нет