Талентираните студенти на УГД ќе бидат ослободени од половина од партиципацијата

Штипскиот универзитет ќе ги ослободи талентираните студенти од половина од партиципацијата која ја плаќаат. Ова се однесува на оние кои се запишани како редовни студенти во прв циклус на студии, а важи за студиската 2023/2024 година. Во Одлуката на Универзитетскиот сенат се вели дека талентиран студент, во смисла на оваа Одлука, е студент кој при упис на зимски семестар има најмалку 40 кредити и среден (просечен) успех над 9,5. На оваа седница е однесена и Одлука за распишување интерен конкурс за избор на студенти од ранливите категории и студенти чие родителско право го врши само еден родител.

„Морам да споменам дека од минатата година УГД има и еден интерен оглас којшто на еден начин ја проширува помошта којашто ја обезбедуваме за нашите студенти, а тоа е интерен оглас за ранливи категории и студенти чие родителско право го врши само еден родител. Овој конкурс ќе биде објавен во текот на октомври или почетокот на ноември, односно по запишувањето на сите студенти. Интерниот оглас ќе можат да го видат студентите на нашиот сајт и ако спаѓаат во една од наведените категории, да аплицираат“, истакна проректорот за настава, Мишко Џидров.

И студентите кои ќе ги исполнат условите од овој интерен оглас се стекнуваат со право да плаќаат половина од износот за партиципација за прв циклус студии за студиската 2023/2024 година.

Ребека Спасова М-Нет