
За 45 часа, 35 минути и 59 секунди штипјанецот Тони Манев ја истрча трката во Словенија во должина од 177,5 километри. На трката учествуваа повеќе од 150 маратонци од целиот свет, а отежнувачка околност беше и висинското качување, кое првично требаше да биде од 8.000 метри, но подоцна искачувањето беше зголемено на речиси 11.000 метри. Ултрамаратонецот, Тони Манев, за М-Нет Телевизија вели дека на почетокот од трката се соочиле со доста проблеми, што било причина многумина од учесниците да се откажат.
„Тркатата во Словенија заврши. За да биде уште потешко, организаторот последните денови направи измени, па ја зголеми и должината на 177,5 км, и искачувањето на 10.720 м. Тоа беше доволно за да се откажат дури четириесетина учесници. Трката започна со задоцнување, бидејќи моравме пеш 2 км до стартот поради проблеми во сообраќајот. Првите 30 км беа најтешки, жешкото време не дозволуваше да се даде максимум, но потоа се спушти ноќта, а во најголем дел од неа јас трчав сам. Сепак, одлично се движев, уште бев свеж и со добри мисли, ама потоа почна да се појавува замор, тешки нозе… Првата цел беше 109 километри, стигнав таму, а логистиката беше на највисоко ниво – ладен туш, чорба, нова опрема…“ – вели Манев.
Предизвиците и проблемите го следеле во текот на целата трка, најтешко, секако, било искачувањето, меѓутоа, вели Манев, поддршката од најблиските му помогнала да истрае. Тој за овој предизвик се подготвуваше околу два месеца и посочи оти тоа многу му помогнало, како физички, така и психички.
„Потоа се тргна на најтешкиот дел, да се искачи планината Стол, ама и да се води сметка за резервата на вода. На врвот беше ладно, ветер… Без задржување продолжив да се спуштам и на патеката наидов на еден Италијанец кој заспал, премрзнат беше, па нормално беше да тргне со мене, иако многу споро, сепак имав залиха од време. Се движевме тројца доста време таа ноќ, Италијанецот не издржа и се откажа. Теренот беше суров, стрмен и немаше начин да се трча, користевме раце за спуштање, а времето леташе. Сепак, поддршката што ја имав од пријателите ми даваше сила дека морам и успеав, последните 20 километри веќе беа прелесни… “ – додава Манев.
Според официјалните информации, Манев паузирал само 27 минути и 54 секунди, заврши на 53. место во трката, во својата категорија беше 14. по ред, а во машка конкуренција застана на 45. место.
Ребека Спасова М-Нет