
Заврши уредувањето на влезовите од станбените згради и изградбата на паркинг-простор во штипската населба Сењак. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека на барање на жителите, а во рамки на Програмата за уредување на градежно земјиште, се поставени канделабри, урбана опрема и павер-елементи.
„Ова е барање на жителите од оваа населба. Просторот којшто го уредивме со павер-елементи и со поставување урбана опрема и осветлување беше претходно запоставен долги години, жителите поднесуваа петиција, барање за да биде уреден. Во изминатите неколку недели се работеше на поставување урбана опрема, целосно осветлување, хортикултурно уредување од страна на јавното претпријатие „Исар“ и поставување павер-елементи“, рече Јорданов.
Задоволни од направеното се и тамошните жители, посочуваат оти единствено останува местото хортикултурно да се уреди.
Градоначалникот додаде дека направеното останува да го чуваат тамошните жители, пред сѐ за да им биде ним во корист.
„Сето она коешто е направено, го оставаме во владение и одржување на жителите и јас верувам дека жителите ќе се грижат за сето тоа коешто е направено, дека хортикултурно садниците, на есен кога ќе бидат засадени, ќе бидат одржувани, дека урбаната опрема, клупите, канделабрите исто така ќе бидат одржувани за да подолг временски период се користат и им служат ним“, додаде Јорданов.
Финансиската вредноста на овој проект е нешто помалку од 1 милион денари, пари обезбедени од општинскиот Буџет и Буџетот на ЈП „Исар“. Јорданов најави дека во рамки на Програмата сите расположливи ресурси ќе се насочат кон уредување на запоставените влезови во текот на оваа година.
Ребека Спасова М-Нет