Супер-дерби на Алкалоид и Еурофарм Пелистер, дерби и меѓу Тиквеш и Охрид

ФОТО: Телевизија М Нет

Овој викенд се играат натпреварите од 7. коло од плеј-офот и плеј-аутот во Суперлигата.

Ова рунда од ракометната елита носи две дерби пресметки. Во Кавадарци ќе гледаме дерби меѓу Тиквеш и Охрид, два лути ривали во директна меѓусебна пресметка за трите бодови.

Тиквеш е на 5. место со 13 бодови, а пак Охрид е на 4. место со 14 бодови. Дефинитивно Спортската сала „Јасмин“ ќе биде исполнета до последното место, а тоа и ќе понуди спектакуларна атмосфера.

Струга и Пролет ќе се соочат во дерби од дното на табелата во кое стружани ќе ги бараат првите бодови во плеј-офот, а пак Пролет ќе атакува на втор триумф.

Седмата рунда ни го носи и дербито меѓу вицешампионот Алкалоид и шампионот Еурофарм Пелистер во директно соочување во Автокоманда. Алкалоид по двата лоши натпревари на кои запиша порази од Охрид и Вардар се спушти на третото место, а шампионот е перфектен во обид за седум од седум во плеј-офот.

Вардар на домашен терен како голем фаворит ќе игра против Бутел.

Во рамки на плеј-аутот седмата рунда ќе се отвори во сабота со мечот меѓу Куманово и Мулти Есенс, во меч каде домашниот тим ќе биде фаворит, дербито на колото се игра во Битола меѓу Еурофарм Пелистер 2 и лидерот Прилеп натпревар кој се игра во недела, а во недела ќе играат и Скопје и Голден Арт, екипи кои веќе гледаат кон испаѓање во Првата ракометна лига.

Во оваа коло слободна ќе биде екипата на Вардар од Неготино.

Александар Ванев, М-Нет