
Вчера во СРЦ „25 Мај“ се одигра пријателски натпревар меѓу суперлигашот Радовиш и прволигашот Текстилец од Штип, а кој тест натпревар заврши со убедлива победа за радовишани од 52:33.
Разликата во квалитет е голема и сосема очекувана беше победа на радовишкиот суперлигаш, кој на полувреме имаше водство од 23:14 во однос на штипскиот прволигаш.
Овој беше прв тест натпревар за двете екипи преку кои имаа можност да го проверат тоа кое го работеле изминатиот период во рамки на летните подготовки, а воедно и да ја проверат формата на сите играчи со кои располагаат во моментот, а кои добија шанса на вчераниот пријателски меч кој се играше во Радовиш.
Следен пријателски натпревар за Радовиш ќе биде против амбициозниот прволигаш Младост од Богданци, а кој се игра во сабота. Овие две екипи ќе одиграа пријателски двомеч, второто соочување ќе биде во Богданци.
Новата сезона во Суперлигата започува на 6 односно 7 септември, а екипата на Радовиш истата ја отвара со гостување кај Куманово, додека пак новата сезона во Првата ракометна лига започнува на 13 односно 14 септември, а штипски Текстилец сезоната ја отвара против Аеродром на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет