
Овој викенд ќе започне новата сезона 2025/2026 во Првата женска фудбалска лига со натпреварите од првото воведно коло.
Екипата на Кочани која е повратник во елитата сезоната ја отвара со тешко гостување во Пржино кај Скопје, со што домаќинот ќе биде фаворит за трите бодови.
Кочани по неколку сезони се врати во Првата лига, а тимот кој го води Оливер Јовановски ќе цели најпрво кон обезбедување на сигурен опстанок и што повисок пласман на табелата, а против Скопје ќе биде навистина тешко.
Каменица Саса сезоната ја отвара како фаворит против Речица, во меч каде поради голема разлика во квалитетот се очекува „рударките“ од Македонска Каменица без проблеми победнички да ја отворат сезоната.
Во Битола ќе се соочат Топ Гол и Тиверија Брера, со тоа што гостинот од Струмица нема да биде на нивото од минатата сезона по заминувањето на неколку искусни фудбалерки.
Ас Јунајтед во Струга на домашен терен ќе се соочи со битолски Атлетико, во израмнет меч за трите бодови со предност за Ас Јунајтед поради домашниот терен. Шампионот Љуботен сезоната ја отвара на домашен терен против Истатов, во меч каде домаќинот ќе биде на тест против незгодниот тим на Истатов, кој годинава изгради одличен тим со млади и искусни фудбалерки и сигурно е дека ќе решава за титулата во Првата лига.
Како што е познато од Првата лига последната екипа директно испаѓа во Втора лига, а пак претпоследната екипа игра бараж за можен опстанок со вториот тим од Втората лига.
Александар Ванев, М-Нет