Суперлигашки ракомет се игра само во Радовиш, Истокот далеку од конкурентен за елитен ракомет!

ФОТО: Александар Ванев

Стартот на новата сезона во ракометната Суперлига е закажан за 6 односно 7 септември, а ако ја погледнеме картата како ќе изгледа новата сезона на Истокот само Радовиш има суперлигашки ракомет.

Многу сезони наназад само Радовиш од Истокот се натпреварува во Суперлигата, останатите градови имаат клубови кои се далеку од можност да влезат во ракометната елита на Македонија.

Радовиш важи за стабилен суперлигаш, кој повеќе од една деценија настапуваше во Суперлигата, испадна, но младите тренери Александар Долдуров и Спасе Ѓоргиев го вратија експресно во елитата, совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2 во баражот, во сезона во која многумина не веруваа дека радовишани би можеле до експресен кам-бек но младите тренери покажаа игра и стратегија и го вратија клубот во Суперлигата.

Во минатото Штип имаше суперлигашки ракомет кога Текстилец настапуваше во елитниот ракомет, но веќе една деценија штипскиот клуб е дел од Првата лига и е далеку од конкуретен за да може да се врати во елитниот ракомет. Овче Поле од Свети Николе е дел од Првата лига, а пак во Источниот дел на Македонија нема многу ниту прволигашки екипи, односно екипи во сениорскиот ракомет, најчесто ракометни школи или клубови кои се натпреваруваат во младинските категории.

Во сезона 2025/2026 на Суперлигата ќе настапат 12 екипи, четири доаѓаат од Скопје тоа се Вардар, Пролет, Бутел и Алкалоид, останати екипи се од Охрид, Струга, две од Битола, Кавадарци, Куманово, Прилеп и Радовиш како единствен град на Истокот кој има суперлигашки ракомет.

Во однос на Првата лига каде се натпреваруваат 14 екипи, најголем дел се од Скопје, тоа се Мулти Есенс, Македонија ЃП, Драчево Јуниор, Шампион и Аеродром тоа се пет екипи. Една екипа доаѓа од Богданци тоа е Младост, Јехона е од Гостивар, Овче Поле од Свети Николе, Партизан од Гевгелија, Астраион е од Струмица, екипата на Кичево, Текстилец кој е од Штип, Вардар од Неготино и Преспа Вардар од Ресен.

Што значи дека и во Првата лига екипи кои доаѓаат од Истокот е Текстилец од Штип, градовите како Берово, Виница, Делчево, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево и Пробиштип немаат екипи во сениорски ракомет, освен ракометни школи и клубови кои се натпреваруваат само во младински категории.

Најчест проблем се финансии за да се изгради тим кој би бил конкуретен да го обезбеди влезот во Суперлигата, а самиот влез значи дека ќе треба стабилен и голем буџет со цел клубот да биде конкуретен да се натпреварува во Суперлигата, каде најголем дел од клубовите се приватни, многу ретко има клуб кој е под закрила на локалната самоуправа.

Финансирање само од локалната самоуправа е голем товар, за што мора вклучување на приватниот сектор и негова поддршка или формирање на клуб кој би бил приватен и ќе изнајде механизам за финансирање.

Квалитетот и конкуренцијата од година во година е се поголема, борбата за титулата е голема, како и за излезот во Европа, а речиси најголем дел од клубовите располагаа со големи буџети како Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Охрид, а големи буџети имаат и останатите екипи кои се борат со овие четири екипи за место во плеј-офот.

Александар Ванев, М-Нет