
Во раните утрински часови, поради пониските температури, граѓаните се упатуваат кон пазарите и ги набавуваат потребните продукти. Во летниот период со високи температури најмногу се купува овошје, велат продавачите. Така беше и денес на градскиот пазар во Штип, каде редовно доаѓаат производители од регионов. Едни од нив се Маре Ѓоргиева и нејзиниот сопруг кој доаѓаат од с. Лесковица и таму произведуваат три вида диња, за која велат дека е најбарана периодов.
„Има три врсти на дињи: поцрвени, оние кои внатре се жолти и бели. Тие се садат во мај, па во јули се берат. Трите врсти се: медена роса, руско семе и бадатка. Секој си одбира која врста ја сака. Ние ги имаме сите три врсти, а во моментов тука ја имам медената роса. Имав и руско семе, ама го потрошивме. Бадатката дури сега стасува“, вели Маре Ѓоргиева.
Производството не е многу тешко, меѓутоа зависи од временските услови. Сепак, исплатливо е, велат тие, бидејќи купувачите бараат дињи и тие уште утрото имаа продадено многу од своите производи.
„Поточно, денес руското семе повеќе се бара. Тоа е 40 денара, меденото семе – 30, а бадатката – 50“, рече Маре.
Купувачите, секако, сакаат да купат благи и убави дињи. За тоа Маре вели дека постои начин како да се препознае созреаната и слатка диња.
„Дињата кога е стасана, не е многу мека, не е набиена. Убавата диња се познава. Рачката ѝ е сува и се одлепува. Тогаш дињата е убава“, додава таа.
Дињите и лубениците и покрај тоа што се добри за освежување во летниот период, тие се и многу хранливи за луѓето. Купувачите го знаат тоа и затоа многу ги купуваат овие производи додека е нивниот период, велат производителите.
„Многу се хранливи, витамински се. Може и на мали деца да им се даваат после осум месеца. Може и за возрасните, за прочистување на желудникот“, додаде Маре.
Успешна беше продажбата и на другите нивни производи, но и на производите од другите тезги. Цените беа слични како и минатиот петок, но производи за оние кои сакаа да купат веќе немаше. Повеќе од половината утринава веќе беа продадени.
„Цените се старите, но важно добро е.“
„Цените се добри, само пазарот, изгледа, го префрлија во четврток, па денес нема многу роба за да се купе нешто. Само има нешто што е останато. Цените сега се поскапи, ама тука некаде се, поефтино – поскапо.“
Причината за тоа, сигурно, беше и големата побарувачка, зашто гужва на градскиот пазар имаше и повеќе од вообичаено.
Лаура Стојанова МНет