Тимовите на Црвен Крст Штип со активности во кризна состојба

Тимовите на Црвен Крст Штип редовно активни и подготвени во ситуацијата на кризна состојба. Од општинската организација на Црвениот Крст велат дека нивните волонтери постојано се активни на терен како во делот на справување со пожарите, така и во делот на останатите тековни активности. Останатите активности не смеат да трпат на сметка на моменталните катастрофи кои се случуваат. Поради тоа нивните тимови се мобилизираат и волонтираат на сите потребни места.

„Мобилните тимови на Црвен крст којшто веќе втора година активно партиципираат во ублажување на состојбите од Ковид кризата се на терен. Денес имаме три интервенции кои се нарачани од самите наши сограѓани. Денес имаме интервенција кај слепо лице, достава на инсулинска терапија како и сервисни услуги во село Чардаклија“ – истакна Милановска.

Со секое нарушување на редовната ситуација, во состојба на покачен број на заразени од ковид или на ситуација со топлотни бранови граѓаните бараат помош од мобилните тимови со цел да останат заштитени во своите домови. Тоа најчесто се граѓани од трето доба, слепи лица и луѓе – самци.

Во текот на вчерашниот ден тимовите беа дел од Републичкиот Црвен Крст во Малешевскиот предел. Локалното население зафатено од пожарите, како и лицата кои ги гаснеа пожарите во Пехчевско добиваа помош со храна, вода, психолошка поддршка и слично.

Црвениот Крст е во координација со општините и другите тимови, па доколку во наредниот период добијат повик за потреба од нивна помош, тимовите ќе пристапат на терен. Тие велат дека се спремни да им помогнат на сите лица кои имаат потреба од нивна асистенција.

Лаура Стојанова М-Нет