
Денес беше комплетирано 30. коло од ПМФЛ кое беше отворено со вчерашниот дуел во Тетово, каде Шкендија со 3:1 ја доби Македонија ЃП.
Лидерот Струга Трим Љум со убедливи 0:3 славеше во градот под Исарот над Брегалница, која запиша трет последователен пораз. Христијан Малески по само осум минути погоди во Штип, Струга продолжи со притисокот, а вториот гол го постигна пред крајот на првиот дел кога најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ, Бесарт Ибраими ја стресе мрежата на Денковски.
Марјан Радески во 47. минута стави точка на победата за Струга. Брегалница постигна гол во 57. минута преку Николов, но голот на штипјани беше поништен од страна на судиите поради офсајд.
Прилепчани повторно ќе гледаат второлигашки фудбал, откако по денешниот голем пораз од Скопје (0:4) Победа и официјално испадна од елитата.
“Пиратите” скоро сигурно ќе играат бараж за опстанок како и минатата сезона, а денес до триумф во Прилеп стигнаа со головите на Омерагиќ, Тодоров, Хајдари и Даци.
Силекс го загуби дербито од Шкупи со 0:2 на домашен терен. Чаирчани забележаа триумф со головите на Реналдо и Алварез.
Уште еден нов пораз за Тиквеш, кој пред домашната публика беше поразен од Работнички.
“Романтичарите” беа далеку подобар противник со погодоците на Маркоски, Биала и Велкоски лесно се стигна до три бода во Кавадарци.
За Тиквеш единствен стрелец беше Ивановски кој погоди во 90. минута.