
Се комплетираше 20. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток со три натпревари, откако вчера истото беше отворено со две средби.
Како што веќе објави телевизија М Нет, во саботата во Делчево екипите на Брегалница и Осогово ги поделија бодовите играјќи 2:2, додека пак Рудар со 2:0 ја доби Тиверија на Градскиот стадион во Пробиштип.
Во Градско Балдовци се соочија Спартмани и Дојранско Езеро во меч каде домашниот тим со 4:2 беше убедлив против гостинот од Дојран.
Откако во претходното коло неоправдано Спартмани не се појави на Градскиот стадион во Берово каде требаше да игра со Малеш, сега одигра одличен меч и забележа триумф и собра три бодови на своето конто.
Првиот дел заврши со резултат од 2:2, откако за домашниот тим Мите Митров беше двоен стрелец, а за гостите Миле Упчев двапати ја погоди противничката мрежа.
Во вториот дел со два брзи гола Спартмани стигна до триумф од 4:2, откако Симе Стоилов во 60. минута погоди за 3:2, а само три минути подоцна Ване Митев постигна гол за конечни 4:2.
Карбинци на домашен терен беше декласиран од Вардарски во меч каде гостите од Богданци стигнаа до нов триумф со резултат од 1:3. Зимската пауза и големата реконструкција во тимот на Вардарски вроди со плод, откако тимот во пролетниот дел игра феноменално.
Илија Баламов во 20. минута го отвори Карбинци за водство на Богданци од 0:1 на полувреме. Во вторито дел со втор на Баламов гостинот имаше имаше двојна предност. Карбинци се обиде да се врати во игра барем за бод, откако Тоше Спиридонов во 69. минута погоди и намали на 1:2, но само три минути подоцна Мирче Попов повторно ја стресе мрежата на Карбинци за конечни 1:3.
Во Чешиново паднаа дури 10 погодоци, а голеадата ја доби Малеш, кој со 3:7 ја декласираше Академија Чешиново-Облешево.
Домашниот тим беше инфериорен и немаше сили ниту на момент да го запре налетот на одличниот Малеш, а на крај високиот триумф за гостинот од Берово беше потврда дека има далеку поголем квалитет на теренот.
Натпреварот беше решен уште во првиот дел кога Малеш на полувреме имаше водство од 0:4 со погодите на Ерол Пилов, Денил Дестанов, Ахмет Халитов и Илија Бојчовски. Во вториот дел натпреварот беше рутина за Малеш.
Второто полувреме не донесе никаква промени во однос на играта. Малеш продолжи да го „толчи“ противникот откако Бојчовски и Пилов со два нови погодоци обезбедија предност од дури 0:6 за нивниот тим. Ваквиот резултат доведе до опуштање кај гостите, па тоа го искористи Академија Чешиново-Облешево преку погодоците на Столе Тодоров и Славче Јакимов намали на 2:6. Сепак, Малеш преку втор гол на Дестанов стигна до високи 2:7, а до крајот на мечот Јакимов со втор гол ги постави конечните 3:7.
Што се однесува до табелата, на врвот од истата е Осогово со 48 бодови кој ќе игра бараж за експресен кам-бек во Втората македонска фудбалска лига. На второто место со 40 бодови е Овче Поле, трета е Тиверија од Струмица со 34 бодови, а четири помалку има Малеш кој е на четвртото место.