
Утринава, околу 9 часот, избувна пожар кај местото викано Асном во Кочани. Според очевидци, пожарот настанал поради електрична инсталација, на отворено. Гореше сува вегетација на просторот кај Старата касарна, местото викано АСНОМ, а огнот се наближуваше и до првите куќи. Месното население беше вклучено во гаснењето на самиот пожар, а на терен беше и екипа од Противпожарната територијална единица Кочани. Командирот, Благој Паунов, во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека пожарот за кратко време е ставен под контрола.
„По добиената дојава околу 9.20 часот, упатени се три возила кај м.в. АСНОМ. На лице место е затекнат пожар на отворен простор, на околу еден хектар. Пожарот е настанат, според кажувањето на очевидците, од спој на жици кај електрична инсталација на бандера. Реагирано е со четири пожарникара и две цивилни лица. Пожарот е ставен за кратко време под контрола и е ликвидиран“, информираше Паунов.
Во Кочани пред месец дена гореше во големи размери почнувајќи од село Бели кон Белското маало, па префрлувајќи се кон село Тркање.
Лаура Стојанова МНет