Спортско – рекреативен тренинг во Штип за Националниот ден на фитнесот

Со спортско – рекреативен тренинг одбележан Националниот ден на фитнесот во соработка на Општина Штип со Невладината ЕХО. Ваквиот настан е дел од проектот за вежбање со самохрани мајки, меѓутоа вклучува и други жени и девојки, кои ја препознале важноста на подобрувањето на менталното и физичкото здравје, меѓу другото и на зголемената социјална активност.

„Во рамките на програмата за еднакви можности на Општина Штип за 2021 година предвидени се физички активности за самохрани родители, поточно за самохрани мајки. Истражувањата покажаа дека во денешно време, посебно во време на корона, стресот кај самохраните родители е многу зголемен и тоа влијае на живеењето на еднородителското семејство. Затоа е предвидена оваа активност – фитнес вежби за ослободување од стресот“, истакна координаторка за еднакви можности во Општина Штип, Сунчица Ѓуфтеска.

Тренинзите за самохрани мајки се реализираат на отворено, секој понеделник и четврток од 18:00 часот. Финансиски се поддржани од Општината, односно бесплатни се за заинтересираните. А од организацијата се обезбедени и волонтери кои можат да ги чуваат децата за време на тренинзите на самохраните мајки.

„Го искористивме овој момент за да ги повикаме и самохраните мајки и другите заинтересирани жени да се вкучат во програмата којашто ја спроведуваме заедно со Општина Штип и во којашто имаме двапати, а понекогаш и трипати неделно, редовни тренинзи за самохраните мајки. Меѓутоа, поради зголемениот интерес честопати бараат и останатите жени од општината да се вклучат во ваквите тренинзи. Бенефитот од физичките вежби им е познат на сите, особено не само за физичкото и менталното здравје, туку и за дружење помеѓу жените. Тоа е од особено значење во време на пандемија, зашто тие се дружат и истовремено го подобруваат своето физичко и ментално здравје“, истакна фитнес инструкторката, Бети Пеева.

Националниот ден на фитнесот во државава се одбележува последниве две години со цел да се подигне свеста за важноста на физичките активности. Проектов е дел од програмата за еднакви можности на Општина Штип и се спроведува во периодот септември – декември.

Ребека Спасова МНет