Трет ден без починати лица во кочанската и штипската болница покажуваат статистиките. Во Штип оздравени и испишани се 4 пациенти, а новопримени се тројца. Направени се 29 амбулантски прегледи. Почетниот број на хоспитализирани е 40 лица, но на крајот на денот вкупно хоспитализирани биле 53 пациенти. Од нив, 20%, односно 11 пациенти се вакцинирани, а скоро 70%, односно 37 лица се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. 39 од хоспитализираните се во модуларната ковид – болница, 6 на Кожното одделение и 8 доаѓаат во дневната болница. Слободни се 10 места, 6 во модуларната ковид – болница и 4 на Кожното одделение кое работи како ковид – оддел, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.
Во Кочани, пак, ситуацијата е идентична како во текот на вчерашниот ден. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел хоспитализирани се 9 пациента. 50% од нив, односно петмина се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка. Нема испишани пациенти, ниту нови приеми. Слободни се 18 кревети во ковид – одделот, информира директорот на кочанската болница, Александар Серафимов.
Според информации од МЗ, во последните 24 часа регистрирани се 526 нови случаи на Ковид – 19 од направени 3.632 тестирања. Нови случаи има во шест градови од Истокот. Од нив, 18 во Штип, 10 во Кочани, 5 во Виница, 3 во Берово, 2 во Делчево и 1 во Македонска Каменица.
Починати се 14 лица, сите во болнички услови.
Забележан е и значително висок број на оздравени пациенти, од кои 12 од Штип, 10 од Кочани, 6 од Берово, по двајца од Пробиштип, Делчево, Македонска Каменица и Пехчево и еден од Виница.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 188.635, бројката на оздравени пациенти е 169.946, починати се 6.539 лица, а бројот на активни случаи изнесува 12.150.
Ребека Спасова МНет
