Спасовден со мрсна трпеза – граѓаните во завршни подготовки за големиот празник

Со печено јагне, традиционални ручеци, салати и домашни десерти, граѓаните подготвени да го пречекаат утрешниот празник Вознесение Христово или уште Спасовден. Празникот се паѓа во мрсен ден – а тоа значи богата гозба, полна маса и поздрав со чаша ракија. Се слави со најблиските, се моли за здравје, а најчесто се вели – пари мора да има за Спасовден, ако не за друго. И покрај високите цени, граѓаните не се откажуваат од празничната традиција – трпезата, велат, не смее да биде празна.

Покрај во своите домови, граѓаните традиционално одат и на гости – на домашни слави и имендени. Спасовден е повод за собирање, па многу семејства ја отвораат вратата за роднини, пријатели и соседи. Трпезата се шири и надвор од домот, а наздравувањата и честитките се редат една по друга. „И на гости да одиш, пак не можеш со празни раце. Така нè учеле – со почит и со срце“, велат граѓаните, додавајќи дека овој ден обединува, зајакнува пријателства и го слави животот.

Спасовден не е само трпеза – тоа е ден на вера, надеж и заедништво. Ден кога семејствата се собираат, пријателите се прегрнуваат, а се слави животот. Со песна, со ракија и со полна маса, граѓаните ќе го дочекаат празникот – со срце отворено и желба за подобри денови.

Иван Митев, М-Нет