
Спортски игри под мотото „Со малку поддршка можам и ЈАС“ организираше ООУ „Димитар Влахов“ во Штип. Станува збор за фандрејзинг настан кој е наменет за прибирање парични средства за набавка на асистивна технологија за работа со деца со посебни образовни потреби и опремување катче каде ќе се користи истата. На настанот учествуваа ученици од различни возрасти и одделенија, а во соработка со Извидничкиот одред „Еквинокс“ имаше и организирана активност во која децата можеа да ги испробаат своите вештини во стрелаштво по симболична цена со детски сет на стрели.

„Ние, всушност, се обидовме заедно со наставниците и со учениците да учествуваме и да организираме едни спортски активности кои ќе придонесат за остварување на нашата цел, а тоа е купување на асистивна технологија за децата со посебни образовни потреби и создавање, креирање, уредување на една просторија каде ќе се користи таа технологија од страна на учениците и наставниците. Ние како училиште би сакале да одговориме на потребите на овие ученици, да создадеме услови каде што тие ќе се чувствуваат поубаво, покомфорно и ќе бидат дел од нас, односно дел од образовниот систем во државата“, истакна директорката Величкова.
Асистивната технологија ќе помогне учениците со посебни образовни потреби да можат полесно да ги извршуваат училишните обврски и да работат на училишните задачи, вели дефектологот, Благица Данев. Целта е создавање поинклузивна средина за сите ученици.
„Под поимот асистивна технологија се подразбираат средства кои ги употребуваат учениците со посебни образовни потреби, а кои се прилагодени за нивните потреби. Ние ќе набавиме компјутер, монитор на допир, специјални тастатури, контролери, издвоени кликови и „тракбол“. Во образованието на лицата со посебни образовни потреби оваа асистивна технологија ќе помогне така што одредени категории на лица, како што се лица со церебрална парализа, аутизам, АДХД, оштетен или намален вид, ќе можат полесно да ги извршуваат училишните задачи“, вели Благица Данев, дефектолог во ООУ „Димитар Влахов“ – Штип.

Настанот е организиран во рамки на проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, кој училиштето го реализира во соработка со Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и Детската фондација „Песталоци“. Во рамки на овој проект организирана е и продажба на шолји за чај, моливи и пенкалца, испечатени со мотото на настанот, а поставени на пунктови на три локации во населбата Сењак.
Ребека Спасова М-Нет