Со уредување во штипско Ново Село завршуваат градежните активности на Општината за годинава

Градежните активности за оваа година во градот под Исарот завршуваат во Ново Село со уредување на вливот на река Отиња во река Брегалница. Местото кое досега не било уредено добива бетонирана површина, нова заштитна ограда, а ќе се уреди и партерно и ќе се прошири постоешкиот паркинг. Целта, вели градоначалникот Јорданов, е овој потег да добие нов лик.

„Преку Програмата за уредување на градежно земјиште го предвидовме и, еве, веќе се работи интензивно на бетонирање. Дополнително, ќе се постави урбана опрема, ќе се осветли овој дел, којшто беше едно ругло, неисчистено место. На овој начин очекуваме да се разубави овој дел којшто ги спојува река Отиња и Брегалница. Ќе се постави нова заштитна ограда на мостот. Дополнително, ќе се работи на партерно уредување и проширување на веќепостоечкиот паркинг до вливот на река Брегалница и на тој начин очекувам овој потег да добие помодерен и поубав лик“, рече Јорданов.

Ваквите проекти нема да запрат во следната година, ами ќе продолжат со засилено темпо, додава Јорданов. Целта на Програмата за уредување на градежно земјиште за следната година е што повеќе заборавени места да добијат нов и модерен лик.

„Во периодот којшто следи во 2024 година се предвидени доста вакви активности на заборавени места, места којшто ќе добијат за првпат нова содржина и на тој начин очекуваме да се модернизира секој дел во нашиот град“, додаде Јорданов.

Финансиските средства обезбедени за овој проект од Програмата, кој вклучува целосно уредување на овој дел од градот во штипско Ново Село се во висина од два милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет