Во рамки на јубилејното 20. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Скупи“, кој годинава се одржува од 13 до 17 јули, денеска на плоштадот „Делфина“ во Влае, беше реализирана фестивалската програма во Општина Карпош. Пред бројната публика настапија фолклорни ансамбли од Бугарија, Украина, Хрватска, Мексико и Костарика, кои преку музика, игра и традиционални носии го претставија своето културно и фолклорно богатство.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој им посака добредојде на учесниците и ја истакна важноста на овој фестивал. „Особена чест и задоволство ни е што Општина Карпош е домаќин на дел од програмата на јубилејното 20. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Скупи“. Овој фестивал обединува ансамбли од повеќе земји и континенти, носејќи ја убавината на различните култури, традиции и обичаи. Преку песната, играта и фолклорот градиме мостови на пријателство, меѓусебно почитување и културна соработка, испраќајќи силна порака дека различностите се наша заедничка вредност“, истакна Лукровски.
Фестивалот е финансиски поддржан од локалната самоуправа, со средства предвидени во Програмата за култура на Општина Карпош. Општина Карпош останува посветена на поддршката на културните настани кои ја негуваат традицијата, ја промовираат културната разновидност и го збогатуваат културниот живот во Карпош, соопштија од општината.
Текстот Меѓународниот фолклорен фестивал „Скупи“ во Општина Карпош е превземен од МАКФАКС.