Повеќенаменско игралиште со спортски терени доби и ООУ „Димитар Влахов“ во Штип

Населбата Сењак е последната населба за оваа година која доби ново мултифункционално игралиште во рамки на Основното училиште „Димитар Влахов“. Игралиштето денеска и официјално се пушти во употреба, а е составено од терени за мал фудбал, кошарка, како и детски реквизити.

„Прекрасна е глетката, затоа што најмладите, дечињата, учениците од ООУ „Димитар Влахов“ ќе ги користат овие спортски терени, коишто се за мал фудбал со вештачка трева, кошарка со тартан подлога, но и детски реквизити, детско катче кое исто така е со соодветна тартан подлога. Целосно е оградено, осветлено и може да се користи и во вечерните часови“, рече Јорданов.

Директорката на „Димитар Влахов“, Невенка Величкова, посочи дека игралиштето е од полза на училиштето, а е дополнување на спортската сала. Сепак, она што е важно, вели таа, е дека учениците мора сериозно да ја сфатат својата обврска да го чуваат она што е направено.

„Се надевам дека учениците ги препознаваат своите права и дека имаат право да ги користат овие спортски терени, меѓутоа секое право повлекува и своја одговорност, а тоа значи дека тие треба да бидат одоговорни за да може да ги зачуваат и да може што подолго да ги користиме истите во наредниот период. Би сакала да изразам огромна благодарност за препознавање на потребата на училиштето, успешната реализација и се надеваме на мошне успешни соработки

Игралиште во секоја населба, беше еден од приоритетите на Општина Штип за 2023 година, па отворање на вакви спортски терени имаше во повеќе населби. Градоначалникот вели дека поради тоа, ова е вистински начин да се заврши годината.

„Навистина, е еден убав момент да се заврши годината со еден ваков проект којшто се надевам дека ќе биде на задоволство, пред сѐ на најмладите генерации коишто ќе го користат“, додава Јорданов.

Игралиштето во ООУ „Димитар Влахов“ е инвестиција вредна околу четири милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет