Со признанија и награди за најдобрите научници за 2022 година УГД го одбележа Денот на науката

Со доделување признанија и награди на најдобрите научници за минатата 2022 година, УГД се приклучи кон одбележувањето на Светскиот ден на науката. Шеесетина професори кои имаат публикувано во часописи кои се индексирани беа дел од конкурсот. Според рекотор на УГД, Дејан Мираковски, универзитетот има професори со кои може да се гордее и да се пофали.

„Ова е еден нов чекор на универзитетот, кој веќе искажа дека многу повеќе ќе посвети внимание на активностите поврзани и со научното истражување меѓу другото и ми е задоволство што меѓу нас имаме научници кои се респектабилни на светско ниво и кои овозможуваат нашата земја да се вклучи во процесите на современото научно работење“ – вели Мираковски.

За поздравување е самата иницијатива УГД да се вкклучи во одбележувањето на овој ден кој се одбележува на светско ниво, согласни се добитниците на награди. На ваков начин велат се дава поттик на младите професори да истражуваат и да публикуваат дела со што доаѓа до развој на науката во целост.

„Ова е навистина голем ден и за УНЕСКО и за целиот свет и за УГД. Навистина една ваква иницијатива вреди да се поздрави затоа што науката е движечка сила на секое едно општество. Како што УГД е движечка сила на Источна Македонија и посебно на овој регион околу Штип така и без науката нема апсолутно никаков развој во било кое општество.“ – вели Гулабоски.

„Најпрвин ќе зборувам дека сум многу среќна поради наградата која ја доделува Универзитетот за научна продуктивност во областа на природните науки, поради тоа што првпат оваа година Универзитетот одлучи да го одбележи Денот на науката и да овозможи доделување на награди и признанија на колегите од УГД за нивната научна работа во изминатата 2022 година“ – додаде Коцева-Лазарева.

УГД годинава за првпат формираше фонд за поддршка на индивидуалната работа на вработените со што се покажува дека ја следи и поддржува работата на вработените.

Лаура Стоајнова М-Нет