Со мечот меѓу Детонит Плачковица и Скопје се затвара есенската полусезона во Втора лига

Во петок ќе се комплетира есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига со натпреварот меѓу Детонит Плачковица и Скопје, кој ќе се одигра на Градскиот стадион во Радовиш.

Овој меч беше еден од одложените од последното есенско коло, а со кој сега ќе затвори есенскиот дел од второлигашкиот шампионат.

Императивот за трите бодови е голем, двете екипи сакаат со победа да ја затворат 2025 година со што во пролетниот дел би имале полесна пролет кон остварувањето на целите.

Детонит Плачковица доколку забележи триумф ќе има 26 бодови на своето конто и ќе се зацврстува во средишниот дел од табелата, а пак Скопје со триумф тогаш ќе има 32 бодови и во пролетниот дел ќе ја продолжува битката за првата позиција која директно води кон пласман во Прва лига.

Токму затоа мечот во Радовиш ќе биде повеќе од неизвесен, а тимот од Автокоманда ќе ја бара првата победа во меѓусебните дуели со Детонит Плачковица. Двете екипи досега се соочија четири пати, од кои трипати славеше Детонит Плачковица, а последната средба на овие две екипи од 8 март 2025 година заврши без победник односно реми од 2:2.

Александар Ванев, М-Нет