
Со литија и кршење на празничниот колач на шеталиштето „Ванчо Прќе“ продолжија настаните за одбележување на денешниот ден „Свети Никола“, партонот на град Штип. Голем број верници беа присутни додека иконата на светецот од градската црква се донесе на шеталиштето каде се скрши и празничниот колач. Мир, благосостојба, развоој и напредок на градот порача градоначалникот, Иван Јорданов.
„Денес градот Штип и нашите сограѓани го празнуваат Свети Никола, патронот на нашиот град, светецот кој по своето житие ни остави аманет да продолжиме да правиме добри дела, да си подаваме рака, да живееме во мир, во соживот. Посакувам благосостојба, развој и напредок на нашиот град, а на сите славеници и на они кои го носат името на светецот Никола здравје, мир и благосостојба. Нека е за многу години“ – вели Јорданов.
Денеска се славеше светителот, се продожи традицијата на предците кој го славеле и му се молеле на Свети Никола, кој е заштитник на Штип.

„Овој ден Господ го создаде да се радуваме и да се веселиме и еве денеска се радуваме и се веселиме, го прославуваме нашиот небесен закрилник и се молиме пред Бога за светиот Николај, кој е чувар и заштитник на градот Штип и на Брегалничката епархија. Овој светител божји е најпочитуван и најславен помеѓу сите народи и луѓе бидејќи на сите им помага и на сите им ја покажува божјата милост“ – вели Иларион.
Утринава во градската црква Свети Никола се одржа и божествена литургија, а граѓаните си посакаа многу здравје, мир и среќа.
Лаура Стојанова М-Нет