
На плажа во Охрид било првото запознавање на штипскиот великан Ацо Шопов со сопругата Светлана Шопова. Шопова денеска повторно се врати во Штип по повод промоцијата на книга која ги евоцира нејзините спомени за Шопов. Таа вели дека Шопов бил граѓанинот на Штип и оттука е и нејзината поврзаност со градот, кој секогаш ѝ носи и позитивни и лоши спомени, кои, пак, го немаат соборено ниту нејзиниот, ниту Шоповиот дух.
„Мојата приврзаност кон Штип, нормално, се роди преку него, но тој Штип не нѐ потсетуваше само на убави работи, нѐ потсетуваше и на неговото многу тешко детство поминато во Штип. Како дете од деветгодишна возраст ја чувал својата парализирана мајка до 19-годишна возраст, носејќи секој ден по две кофи вода од Кежовица да го мие болното тело на својата мајка. Тие тешки денови од неговата младост не успеаја да го оборат неговиот дух и неговата љубов и неговиот однос кон родниот крај“, вели Шопова.
Присуството на сопругата Шопова во поезијата на великанот почнува од „Трета молитва на моето тело“, а завршува со последната збирка која ѝ е посветена нејзе. Шоповата љубов и почит кон сопругата е силно изразена, а и самата вели дека се препознава во некои од песните.
„Да, се чувствувам, во неколку негови песни се гледам, особено во „Трета молитва на моето тело“, тогаш само што ги беше започнал Првата и Втората молитва, веќе Третата ја напиша за мене и оттогаш почнува таа врзаност и моето присуство во неговата поезија. Дали како физикус, дали како ум, дали како блискост, присутноста беше од првиот до последниот момент, како што и последната збирка мене ми беше посветена“, објаснува Шопова.
За зачувувањето на споменот за Шопов силно се бореше токму неговата сопруга, а за поголем дел од работата веќе се грижи неговата ќерка, Јасмина Шопова. Сопругата Светлана вели дека и двете се задоволни од почитта која се искажува на Шопов, како на национално, така и на балканско и светско ниво.
„Можам да кажам дека сме многу задоволни, и јас и мојата ќерка. Нормално дека јас на 86-годишна возраст сета работа повеќе ја препуштив на ќерка ми, нормално, помлада, со поголема динамичност итн. Вистина, сме пресреќни и презадоволни со почитта што цела Македонија, па да речам и многу пошироко, поранешните југословенски републики, а и во светот, до Канада, до Америка, исто така во УНЕСКО, каде што 21 март – Денот на поезијата многу свечено беше одбележан со поезијата и творештвото на Ацо“, вели Шопова.
Шоповата „небиднина“ е збор кој е најприсутен денес, особено поради актуелните настани, а неговата сопруга смета дека е уште поприсутен отколку во 60-тите години, кога и е роден. Духот на Шопов се одржува и меѓу младите, а тоа го покажува и нивното присуство на многуте настани во негова чест.
Ребека Спасова М-Нет