
Случајот за стечај на штипска Баргала повторно се враќа во Основен суд Штип. По жалба на Сојузот на синдикатите на Македонија и доверителите – работниците кои беа предлагачи за отварање на стечајна постапка над должникот Друштво за производство и трговија за чевли БАРГАЛА АД Штип, Апелациониот суд во Штип со Решение ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип и предметот го врати на повторно судење.
„Со Решението, Апелациониот суд го задолжува Основниот суд во Штип при повторното постапување со сигурност да утврди дали доверителите – работниците имаат доспеани, а неплатени парични побарувања врз основа на важечки основи за плаќање ( дали исплаќал плата во износ и висина утврдена во согласност со Закон и колективен договор) и дали должникот е неспособен за плаќање повеќе од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет. “ – стоеше во соопштението од ССМ.
Според нив предметот е вратен повоторно назад во судот заради суштествени повреди на постапката со оглед на тоа што причините се нејасни и контрадикторни врз основа на кој судел Судијата. Иако за сите државни институции и за ССМ, работењето во Баргала АД Штип е скандалозно и без почитување на законите во државата, судијата и привремениот стечаен управник дозволија да страдаат околу 300 вработени и нивните семејства, оставени без плати , со незаконити отказни решенија и без стабилен статус и егзистенцијална иднина што се потврдува и со оваа пресуда, пишуваат од ССМ.
Според сојузот Кредибилитетот и независноста на Основниот суд во Штип со ваквите судии и ваквите пресуди е сериозно нарушен, а очигледно е развиена мрежа од поединци судии и стечајни управници која слугува на газдите на АД Баргала и дозволуваат работниците со месеци да гладуваат и покрај решенијата за исплата на неисплатените плати и решенијата за враќање на работниците и работничките на своите работни места.
Лаура Стојанова М-Нет