Слога го декласираше Малеш, Вардарски со нова победа до есенски шампион во Трета лига – Исток

Со натпреварите од 9. коло заврши есенскиот дел во Трета лига – Исток каде есенски шампион е екипата на Вардарски од Богданци. Во последното есенско коло Вардарски на домашен терен со 2:0 ја доби екипата на Карбинци. Баламов во 16. минута погоди за 1:0, а во вториот дел Наков во 65. минута од белата точка постигна гол за конечни 2:0.

Ланскиот второлигаш Слога на домашниот терен во Виница со 7:2 го декласираше Малеш од Берово. За домаќинот двоен стрелец беше Воинов, а по еден гол постигнаа Спасов, Јаќимовски, Трајчов, Ристов и Ангелов.

За гостите од Берово стрелци на двата гола беа Радински и Бојчовски, а истите беа постигнати во вториот дел.

Тиверија го доби натпреварот со новалијата Ударник на гостински терен каде со 2:3 беше подобра и направи прогрес на табелата. Спасиќ беше двоен стрелец за домашниот тим, а за гостите од Струмица стрелци беа Пандевски, Димитриев и Јанков.

Овче Поле натпреварот со Рудар го доби со службен резултат од 3:0, откако гостинот од Пробиштип не се појави на Градскиот стадион во Свети Николе.

Што се однесува до табелата екипата на Вардарски како лидер на табелата ќе ја помине зимата со 20 бодови на своето конто, на второто место е Овче Поле со 17 бодови, а пак Дојранско Езеро е трет со 14 бодови.

На 4. место е Слога Виница со 11 бодови, Тиверија се проби до 5. место со 9 бодови, Рудар и Малеш го делат шестото место со осум бодови, Карбинци е претпоследен со 7 бода, а на дното е Ударник со 6 бода.