Слободен влез за сите кои сакаат да се вакцинираат во вакциналниот пункт во Штип

Продолжува вакцината и ревакцината во салата Јордан Мијалков во Штип. Откако на столче за вакцина може да се седне и без закажан термин, во текот на вчерашниот ден 800 граѓани примиле прва доза вакцина синовак. Се вакцинира и наставниот кадар, како и вработени во приватни компании.

„Денес на прва смена има закажано околу 400 пациенти за ревакцина со Фајзер, околу 40 за ревакцина со Астра зенека и дополнителни 400 пациенти за прва доза со вакцината Синовак“ – кажа доктор Миланова.

И покрај зголемениот број на пациенти кои чекаа ред за вакцина утринава, околу пладне салата Јордан Мијалков беше полупразна. Од вакциналниот пункт велат дека нема поголеми редици, а има заинтересираност  и медицискиот персонал соодветно одговара на барањата на граѓаните.

Според информации од Министерството за здравство досега Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 613.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 232.595 граѓани.

Лаура Стојанова М-Нет