
Спортистите на Истокот за 2024 година забележаа големи резултати, а синоќа на спортската манифестација „Избор на млад спортист од Источниот регион за 2024 година“ во организација на М Нет телевизија беа избрани најдобрите.
Синоќа во Дом на млади беше доделено признание за најмлад надежен талент М Нет телевизија на Лука Ананиев од боречки клуб Карбинци од општина Карбинци, кој беше најмал од пријавените.
Признанија добија Мила Ушинова од тениски клуб Астибо од Штип, Бојан Ѓеоргиев од боксерски клуб Штип од Штип, Марко Џорлев од карате клубот Штип од Штип, Драгана Ефтимовска од таекводно клубот Штип од Штип, Александар Миланов од пеливанскиот клуб Ацо Крстов од Штип.
Признанија добија и Ебуталип Агушев од боксерскиот клуб Фамилија Демирови од Штип, Леон Манов од боречки клуб Балканец од Штип, признанија добија и Анастасија Трајчева од боречки клуб Олимпија од Штип, Викторија Спасовска од боречки клуб Киро Ристов од општина Карбинци, како и на Моника Стајковска од пинг-понг клубот Зегин од Берово.
Беа доделени и две признанија на најдобрите спортисти од клупските спортови. Признание доби Ана Насева од ракометниот клуб Астибо и Ана Ангеловска од женскиот кошаркарски клуб Патриот од Делчево, како и парични награди од 3.000 денари.
На делба на третото место беа Марија Цветова од боречки клуб Балканец и Љупче Михајлов од карате клубот Штип, кои добија плакети, медали и парични награди од по 3.000 денари од рудникот Бучим и Боров Дол. На второто место беа Филип Стојанов од карате клубот Партизан од Кочани и Душица Бреслиева од карате клубот Штип, кои добија плакети, медали и парични награди од по 6.000 денари од рудникот Бучим и Боров Дол.
Марио Ананиев беше прогласен за најдобар спортист на Истокот на спортската манифестација „Избор на млад спортист од Источниот регион за 2024 година“ во организација на М Нет телевизија, кој доби плакета, медал и парична награда од 30.000 денари.
Ананиев е на подготовки во Бугарија каде се подготвува за новите предизвици, а на присутните синоќа им се обрати преку видео порака.
Наградата во име на Ананиев кој има бронзен медал од ЕП во Грција ја прими претседателот на БК Бучим од Радовиш, Владо Лазаров, кој се заблагодари и ја поздрави оваа спортска манифестација.
„Имаше доста тежок ждреб доколку го избегнеше во полуфиналето рускиот репрезентативец мислам дека ќе атакуваше и на првото место. Така да вакви таленти, јас како претседател на клубот мораме сите ние да ги негуваме, да им даваме внимание, во денешно време младите не сакаат да спортуваат, борењето е доста тежок спорт“, рече Владо Лазаров, претседател на БК Бучим од Радовиш.
Ова беше второ издание на оваа спортска манифестација на М Нет телевизија која беше од регионален карактер односно на Истокот со опфатени 13 општини.
Александар Ванев, М-Нет