
Потрагата по 75-годишниот Јане од Кочани продолжува и денес, откако тој пред неколку дена се оддалечил од својот дом и оттогаш му се губи секоја трага.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 1 јуни 2026 година во 15:00 часот во Полициската станица Кочани, А.П. (29) од Кочани пријавил дека на 31 мај околу 07:30 часот од домот се оддалечил Ј.Д. (75) од Кочани, братучед на неговата баба, лице со здравствени проблеми. Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
Во меѓувреме, вчера на терен беше организирана доброволна потрага во која учествуваа околу 20 граѓани. Пребарувани беа повеќе локации во околината на селото Јастребник и поширокиот предел на Осоговските Планини, каде што постои можност исчезнатиот да се движел по неговото оддалечување од домот.
И покрај целодневните напори на доброволците, засега нема информации за местоположбата на дедото, кој според блиските боледува од деменција. Поради сложениот планински терен и сериозноста на ситуацијата, потрагата ќе продолжи и утре.
Хуманите граѓани упатија апел до граѓаните да се приклучат во што поголем број. Посебно се повикуваат ловџии со обучени кучиња, лица кои добро го познаваат теренот на Осоговските Планини, како и сите кои се подготвени да помогнат во потрагата.
И денеска доброволци ќе се упатат кон подрачјето каде што ќе се спроведува потрагата.
„Станува збор за човечки живот и секоја помош е добредојдена. Колку повеќе луѓе се вклучат, толку се поголеми шансите дедото да биде пронајден“, порачуваат учесниците во акцијата.
Дајана Сандева, М-Нет