
Неколку децении старата канализациона мрежа во населба Три чешми денеска добива реконструкција. Станува збор за проблем кој за жителите од ова место е актуелен повеќе од 30 години, а за кој тие исто толку време барале решение. Според в.д. директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, активностите кои ќе се спроведат денес и утре ќе бидат трајно решение на проблемот.
„Поради настанати чести дефекти на канализационата мрежа на овој дел од населба Три чешми, јавното претпријатие реши да направи реконструкција на овој дел во должина од 50 метри. Со ова ќе реши проблемот во овој дел од населбата со честите запушувања на канализационата мрежа. Инвестицијата е во износ од 60 илјади денари. Очекуваме дека утре ќе ги завршиме градежните работи со тоа што, пак ќе кажам, во овој дел од населбата кој има 10 – 15 куќи трајно ќе се реши проблемот со фекалната канализација“, истакна Здравков.
Тамошните жители велат дека ова е од огромно значење за секојдневното функционирање, а иако досега се реагирало кај надлежните, никој досега им нема излезено во пресрет и немал слух за нивното барање.
Јавното претпријатие ќе продолжи со реконструкцијата на водоводната и канализациона мрежа во повеќе населби низ Штип, а уште оваа недела ќе се почне од населбите Балканска и Македонка.
„Започнуваме со населба Балканска и Македонка, таму ќе вршиме приклучоци на цела населба на водоводната мрежа. Од наредната недела ќе бидеме на Исарот, во Бел камен, таму ќе менуваме водоводна и канализациона мрежа, а кога ќе завршиме таму, ќе работиме на ул. „Браќа Даневи“ и „5-ти конгрес“, каде што ќе реконструираме околу 300 метри водоводна и канализациона мрежа. Тие се критични места каде што имаме чести дефекти и полека ќе ги решаваме систематски“, потенцираше Здравков.
Активностите се реализираат со финансиски средства обезбедени од програмата на јавното претпријатие. Работа за вакви активности има секојдневно и како што додава Здравков, работат по пријави. Онаму каде што не може да се поправи дефект, се пристапува кон реконструкција со средствата обезбедени од програмата.
Ребека Спасова М-Нет