Се претвораат ли штипските казина во ноќни клубови кога измените предвидуваат дислокација?

Пратениците одлучија – нема да има автомат клубови, спортски обложувалници или други објекти за организирање игри на среќа во радиус од 500 метри од училиштата. Измените на Законот за игри на среќа вчера беа усвоени во Собранието со 55 гласа ЗА од вкупно 61 присутен откако опозицијата побара точката да се тргне од дневен ред, а поради тоа што барањето не беше усвоено, ја напушти салата. Сега останува на шефот на државата, Стево Пендаровски, да го потпише указот за стапување во сила на овие законски измени. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) организираа протест изразувајќи го револтот предлог-законот со тврдење дека ќе се затвори една гранка во која има илјадници вработени. Тие сега бараат Пендаровски да не го потпише указот.

Движењето „Антикоцкање“, пак, инсистираше на донесување на ваков закон заради заштита на децата. Во Штип со овие законски измени речиси сите вакви објекти ќе мора да извршат дислокација, зашто ако се процени радиусот од 500 метра од училиштата, како слободни ќе останат само делот кај крстосницата „Дујле“, т.н. „печурки“ и локацијата кај Мирјанина црква. Во центарот на градот, од каде ќе мора да се отселат, има безмалку 20 вакви објекти.

Во меѓувреме, додека новите законски измени предвидуваат дислокација, некои од штипските казина во центарот на градот почнаа да организираат и музички настапи со ориентални танчерки.

Инаку, постојниот закон не беше утврдена оддалеченоста на деловните простори во кои се приредуваат игрите на среќа од основните и средните училишта. Со измените на Законот исто така цената за една лиценца за обложувалница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Автомат клубовите сега ќе плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра, наместо 78.750 евра. Таа ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат клубовите ќе треба да плаќаат надоместок во износ од 30.000 евра. Да се прилагодат на законските измени обложувалниците и казината имаат рок од една година.

Ребека Спасова М-Нет