
Со павер елементи се уредуваат влезовите пред станбените згради во централното градско подрачје во Штип. Во периодот кој следи треба да заврши уредувањето кај таканаречените Црвени и Зелени кули во Штип, а ќе се работи и на тротоарските површини. Увид во градежните активности на терен денеска изврши градоначалникот Иван Јорданов, кој потенцираше дека по половина век се работи на релизирање на барањата на жителите.
„Се поставуваат павер елементи, но ќе се уреди и делот кој ги поврзува улиците Христијан Карпош и Славчо Стојменски. Повеќе од 40 – 50 години овој дел не бил истретиран, а е барање и потреба на жителите не само на околните згради туку и на минувачите, затоа што е централно градско подрачје. Деновите кои следуваат ќе се работи и на тротоарските површини, но и на влезовите пред станбените згради и со тоа очекувам да се заврши овој потег“ – вели Јорданов.
Дополнително со овие активности на терен ќе се зголемат и паркин местата во центарот на градот, со што ќе се ублажи еден од најголемите проблеми однонсо паркирањето. Општина Штип за ваквите активности на терен издвои повеќе од еден милион денари.
„Најголем о најгорчлив проблем со оглед на тоа дека е тесно грло во градот е паркирањето на возилата. Максимално ќе се потрудиме да го искористиме просторот кој ни стои на располагање, да создадеме дополнително паркинг место кое ќе биде уредено со павер елементи. Вкупната инвестиција е нешто повеќе од еден милион денари, пари од Буџетот на Општина Штип“ – додава Јорданов.
Во меѓувреме продолжуваат активности на терен на неколку локации во Штип, со што се работи на потребите на граѓаните и модернизација на градот.
Лаура Стојанова М-Нет