
Максимална мобилизација во Штип од страна верната „фаланга“ и штипјани со цел да се наполни Градскиот стадион за дербито меѓу Брегалница и Охрид. Влезот е слободен што е уште една причина за да има полни трибини, а со тоа „сините“ да добијат максимална поддршка во клучни меч кој многу работи може да реши.
Стадионот се подготвува, рефлекторите во 18 часот ќе светнат, а Брегалница подготовена оди по својата 15-та сезонска победа. Традицијата, домашниот терен и поддршката од верните навивачи е на страната на „сините“, а „рибарите“ кои како лидери доаѓаат на жешкиот терен во Штип ќе бараат победа после 17 години против Брегалница.
Од аспект на статистиката двете екипи се израмнети – Охрид има најдобар напад со 54 постигнати погодоци, а Брегалница го има вториот најдобар напад со 47 постигнати погодоци, како и тимот на Скопје, а пак Охрид ја има најдобрата одбрана со примени 11 погодоци, а Брегалница има трета најдобра одбрана со примени 14 погодоци.
И во претходите наши анализи потенциравме дека овој меч може да донесе доста промени на самиот врв од табелата, влогот е голем, а трите бодови се императив. Искуството на стратегот Влатко Костов е клучно, а дербито меѓу Брегалница и Охрид ќе го следите во живо на М Нет телевизија.
Александар Ванев, М-Нет