
Конзолата до Градската црква денеска добива асфалтен слој, а започнува и изградбата на нов мост, паралелно со постоечкиот. Градоначалникот Јорданов најави низа проекти за кои градежните активности ќе траат во наредните неколку месеца, а со тоа, според него, централното градско подрачје ќе добие нов лик. Овде меѓу другите се и изградба на катна гаража и осветлување на коритото на река Отиња.
„Интензивно се работи и на започнување на активности за изградба на нов мост на река Отиња од Хотел „Оаза“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“. Градежните активности коишто ќе се одвиваат во наредниот период, а коишто ќе траат неколку месеца, видливо ќе го променат изгледот на централното градско подрачје на град Штип, исто така и функционалноста, затоа што ќе дојде до проширување на главните сообраќајници, на нов мост. Најавувам дека во наредните денови ќе се започне со изградба и на катната гаража, завршување на веќезапочнатата реконструкција на Градскиот плоштад. Тоа се многу активности коишто очекувам да придонесат во урбанизирање и промена на изгледот на централното градско подрачје“, истакна Јорданов.
Сите овие проекти заеднички ќе чинат повеќе од 30 милиони денари, вели Јорданов. Временската рамка е една година за која Штип ќе добие нов лик, а во тој период повика и на трпение од страна на граѓаните во случај да бидат ограничени во движењето.
„Конзолата којашто е во изградба и во тек на реализација е 16 милиони денари, дополнително мостот е нешто повеќе од 5 милиони денари, катната гаража е околу 12 милиони денари, за проектот за осветлување дополнително ќе го знаеме финансискиот износ. Секако, продолжување на конзолите за да ги прошириме овие две сообраќајници“, додава Јорданов.
На проширените сообраќајници сѐ уште е отворена можноста за косо паркирање или двонасочен сообраќај, но за тоа се чека на одлуката на сообраќајните инженери.
Ребека Спасова М-Нет