
Штабот за заштита и спасување на Општина Штип во проширен состав заседаваше денес и ги донесе следните заклучоци:
1. Од денес АРМ е ставена во функција на поддршка на МВР, освен на граничните премини ќе биде и на терен во служба на граѓаните според потребите.
2. Граѓаните најсериозно да се придржуваат кон полицискиот час, од вечерва секој кој ќе биде затечен надвор од својот дом после 21 часот ќе биде приведен во полициска станица.
3. Од денеска е отворен пункт на паркингот кај ЈЗУ Панче Караѓозов за тестирање на граѓани. Од утре (24.03.2020 ) паркингот позади ЈЗУ Панче Караѓозов ќе биде затворен за движење на возила од 08 до 14 часот поради формирањето на овој пункт. Тестирањето се врши исклучиво со упат од матичен лекар.
4. Оптина Штип ќе организира вршење на дезинфекција на влезовите во станбените згради.
5. Општина Штип денеска ги снабди со заштитни маски локалните и централните институции на територијата на Општина Штип. Поделени над три илјади маски на АРМ, СВР, Клиничка болница, Здравствен дом, Трансфузиологија, ЈП „Исар“, ЈП „Стипион“, ТППЕ.
6. Градскиот пазар нема да работи и наредниот петок, 27.03.2020 година, со цел превенција и заштита на граѓаните од Корона вирусот.
7. Пензионерите, лицата со посебни потреби и лицата со други болести да не ги напуштаат своите домови доколку не е неопходно и да ги користат телефонските броеви на Општина Штип (078 472 621 и 032 226 623) со што мобилните екипи ќе им излезат во пресрет за нивна помош од типот на: плаќање на сметки, пазарување на основни намирници за исхрана, подигање на лекови од аптека и достава до живеалиштето.
8. Црвен крст во соработка со Општина Штип отвори телефонска линија за психосоцијална поддршка на граѓани 074203050 која функционира од 10 до 13 часот.
9. Општина Штип заедно со ЈП „Исар“ и ТППЕ Штип продолжуваат со редовно дезинфицирање на улиците, јавните површини, плоштадот, површините пред маркетите и аптеките, во просториите на СВР Штип, ЈЗУ „Здравствен дом“ Штип, и сите останати витални институции со цел поголема безбедност на граѓаните.
10. Сите институции на локално ниво да работат со намален капцитет заради заштита на граѓаните.
11. Во последните 24 часа има четири тестирани лица од регионот, и сите се негативни.
12. Сите правни субјекти кои користат јавна површина пред деловен објект од периодот на прогласување на пандемија се изземаат од плаќање на комунална такса кон Општина Штип.
13. Апелираме да се следат препораките на Министерството за здравство и на сите надлежни институции.