Во Кочани нема заболени, но има 148 лица во самоизолација – градот се дезинфицира

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на средба со новинарите ја истакна сериозноста на ситуацијата предизвикана од ширењето на коронавирусот и повика граѓаните најстрого да се придржуваат кон правилата за однесување во оваа вонредна состојба.

– „За наша среќа, во нашата општина сѐ уште нема регистрирано инфицирани лица со коронавирусот, состојба што радува, но истовремено и обврзува сите ние доследно да ги почитуваме сите мерки и препораки и да дадеме свој личен придонес во спречување на ширењето на коронавирусот. Во општина Кочани досега има во самоизолација 148 лица коишто се дојдени од средно и високоризичните земји. Апелирам доследно да ги почитуваат пропишаните препораки задолжително и да се пријават кај надлежните институции и да се самоизолираат со цел да го спречиме ширењето на заразниот вирус и несаканите последици“ – повика градоначалникот Илијев.

Градоначалникот потсети дека мерките и препораките од надлежните институции секојдневно се прошируваат, меѓу кои е и полицискиот час. Илијев истакна дека почитувањето на секоја мерка е круцијално за животот на секој поединец, а потсети и на   заклучоците од Општинскиот кризен штаб.

– „Повикувам сите кафемати привремено да бидат затворени. Да нема собирање по маалските продавници во населените места и во градот. Подготвуваме распоред за работата на зелените пазари и на тезгите на нив. Територијалната противпожарна единица ги дезинфицира влезовите на зградите и лифтовите. КЈП „Водовод“ врши редовна дезинфекција на улиците и на местата за одлагање на отпадот. Наредната седница на Советот ќе се одржи во услови како што се налага настанатата состојба“ – соопшти Илијев.