
Искусниот фудбалски стратег Трајче Сенев остро ги демантира објавувањата на социјалните мрежи дека наводно тој променил исказ од сослушувањето и дека земал пари за инцидентот кој се случи на 24 август за време на натпреварот меѓу пионерските екипи на Брегалница и Шкупи на стадионот „Бело Брдо“.
Сенев во изјава за М Нет телевизија вели дека го целост ги демантира сите невистини објавени на социјалните мрежи, притоа додава дека му е нарушен неговиот углед и угледот на неговото семејство, демантира дека земал одредена сума на пари, а за што како што вели во изјавата за М Нет телевизија, веќе е поднесена пријава до МВР СВР Штип од неговата страна.
„Јас Трајче Сенев во целост ги демантирам невистините објавени на штипска фејсбук страница, кои кружат во јавноста дека наводно е променет исказот од моето сослушување и најстрашно од се е дека за истиот сум земал одредена сум на пари. Јас како долгогодишен тренер одговорно тврдам дека е злоупотребено моето име и нарушен угледот на моето семејство. Зад сето тоа стои друга позадина и јас сум колетерална штета во ова. За објавените невистини веќе е поднесена пријава до МВР СВР Штип. Од целата ситуација постои видео снимка којашто беше објавено во јавноста, каде што може да се види дека јас лично влегувам на теренот после завршениот инцидент“, изјави Сенев за М Нет телевизија.
Сенев е долгогодишен искусен фудбалски тренер, кој во неговата кариера ја водеше првата екипа на Брегалница, Силекс, Кит Го од Пехчево, Осогово од Кочани, Кожуф од Гевгелија, а сега ги води младинските категории на Брегалница од Штип.