Врнежите од дожд ја одложија жетвата на оризот, до декември нивите не можат да бидат завршени

Врнежите од дожд ја одложија жетвата на оризот во кочанско. Машините стојат, бидејќи во нивите не може да се влезе. Ако во годините наназад жетвата завршуваше до 20 октомври, оваа година ниту 10% не е ожнеано. Тоа значи дека во полето работа ќе има до декември, а дополнителен проблем овде ќе бидат ниските температури и врнежите од снег.

„Овие временски услови се неповолни за оризопроизводителите, жетвата 10% не е завршена, околу 90% стои, еден дожд три до четири дена нема жетва. До Нова Година оризите нема да бидат завршени“ – вели Арсов.

Освен врнежите од дожд проблем за доцната жетва е и доцната сеидба, па дел од нивите се уште се зелени. Дополнително нема ниту откуп на белото злато, па оризопроизводителите велат дека ориз се помалку ќе се призведува и ќе биде со послаб квалитет.

„Има површини од Тркање до Жиганци кои се зелени заради доцната сеидба, оти ние сеевме на 1 јули, а тогаш ориз не се сее. Откуп нема, се откупува кој како ќе се снајде.“ – додава Арсов.

Очекуваат промени во наредниот период, и помош за земјоделците со цел да може и понатаму по нивите во кочанско да се сее оризот и да се произведува.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет