
Семафори и проширување е предвидено за најфреквентната крстосница во населба Сењак. Вакво ново сообраќајно решение треба да ја зголеми безбедноста на една од поопасните точки во Штип, на која често се случуваат и сообраќајни несреќи. За ова денес информираше сообраќајниот инспектор во Општина Штип, Оливера Блажева, откако заклучиле дека за еден час таму поминуваат над 1000 возила.
„На крстосницата со улиците „Сремски фронт“ и „Борис Крајгер“ е предвидено ново сообраќајно решение коешто вклучува променет режим со воведување на светлосни сигнали и зголемување на опфатот на нивото на крстосницата. На оваа крстосница со последното борење утврдено е дека имаме проток од 1200 возила на час со еднакво оптоварување помеѓу главната и споредната улица. Поради ова е предвидено регулирање на оваа крстосница со светлосни сигнали што ќе бидат фиксни со фиксно време. Опфатот на крстосницата предвидува зголемување со ленти за исклучување“, истакна Блажева.
За предвиденото проширување десетина привремени објекти ќе треба да бидат отстранети во рок од десетина дена. Станува збор за правни објекти, како што се кладилници, пиљари, продавници, гаражи и слично. Во случај сопствениците да не ги отстранат објектите, Општина Штип ќе ги отстрани на сметка на сопствениците.
„На сите сопственици, односно правни лица коишто имаат поставено времени објекти им е доставено известување дека во рок од десет дена треба да ги отстранат истите, бидејќи има реконструкција која ќе почне за две недели. Наидовме на добро разбирање од сите правни субјекти коишто се на тие две улици и се договоривме дека ќе ги отстранат во предвидениот рок од десет дена. Мислам дека ќе бидат остранети, бидејќи наидовме на решение“, истакна комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков.
Со градежни активности ќе се почне за две недели, а можно е и затворање на овие две улици додека траат активностите. Решение за оваа крстосница оддамна е тема на дискусија, а беше и предизборно ветување на кандидатите за градоначалник.
Ребека Спасова М-Нет