СДСМ: Фонтаната не е на Гимназијата, Општина Штип: Не сме изненадени од лаги и манипулации

Гради ли Јорданов дивоградба, прашуваат повторно од ОО на СДСМ Штип во врска со новата фонтана кај Штипската гимназија. На истата посочија на извор од катастарска парцела, според кој местото не е дел од имотот на Гимназијата и прашуваат зошто средствата за кровот се пренаменуваат за нешто што воопшто не е во нивна сопственост. Според нив, ако градоначалникот постапува по Закон, треба да ја сруши дивоградбата.

„Јорданов бегајќи од одговори повторно го прашуваме: како тоа самопрогласената директорка и Училишниот одбор на Гимназијата градат фонтана која ниту е во дворот, ниту во катастарската парцела на самата Гимназија. Апсурдот да е уште поголем – се гради со средства обезбедени од кровот на Гимназијата пренаменети за изградба на фонтана на место каде веќе имаше постоечка фонтана. Дали Јорданов и в.д директорката градат дивоградба? Дали Јорданов при увид на овие градежни активности планира уште пред да биде изградена фонтаната да ја руши? Средствата на Гимназијата треба да бидат наменети за училиштето, за подобри услови на учениците и вработените, а не да се инвестира за градба на туѓо земјиште? Јорданов треба да простапи според Закон и да ја сруши дивоградбата, во спротива сѐ е прекривање и селективна правда“, велат од ОО СДСМ Штип.

На ова од Општината велат дека ширењето лаги и манипулации од политичка партија која со своите политики во минатото ја уназадила Општината не се изненадување. Освен тоа, стои во писменото соопштение, тие немаат направено ништо и имаат оставено долгови насекаде.

„Ќе се изненадевме доколку дадеа поддршка на барем еден од проектите кои оваа локална власт во изминатата година ги реализираше. Навистина ќе беше изненадување за нас доколку дадеа поддршка за изградба на бул.Партизанска,нова обиколница,завршување на клиничката болница и мн.други проекти кои се закочени поради деструктивните политики на оваа политичка партија. И покрај се што реализиравме изминатата година, ги потсетуваме дека Општина Штип им ги враќа кредитите кои што ги земале во минатото, а се разбира не ги враќале.“ – стои во писменото соопштение.

Тие како Локална самоуправа, велат дека ќе продолжат посветено да работат, а оценката за нивната работа ќе ја дадат и граѓаните на Штип.

Ребека Спасова М-Нет