
Десет брендирани штандови учествуваат во новогодишниот базар во Штип, кој ќе се одржи претпоследниот викенд од тековната 2022 година. Истиот ќе се одржи на Плоштадот „Слобода“ во Штип, во сабота, на 24 декември. Од Општината велат дека ова се прави за новогодишна еуфорија кај најмалите и покрај тековната криза.
„И покрај лошата финансиска состојба наметната од енергетската криза, Општина Штип одлучи дека и оваа година за најмладите наши сограѓани треба да го организира Новогодишниот базар и истите да не бидат иземени од новогодишната еуфорија. Поради тоа, на 24 декември, во сабота, го организираме базарот. На десет брендирани позиции наши сограѓани кои изработуваат ракотворби, кои нудат пијалоци, други рачни изработки ќе ги изложат своите производи, а за најмладите ќе има и богата културно-уметничка програма“, истакна Александар Арсовски.ж
Аниматори, претстави и детски песни се дел од културно-уметничката програма која ќе биде организирана во рамки на Новогодишниот базар. На Плоштадот последните подготовки се во тек и веќе се поставуваат штандовите за здруженија и граѓани кои ќе изложат свои ракотворби на истите.
„Настанот ќе почне во 12 часот со китење на новогодишната елка од страна на најмладите наши сограѓани. Потоа следуваат детски претстави од учениците во детските градинки, па настап на учесниците од Фестивалот „Весело штурче“. Програмата ќе продолжи со детска претстава од НТШ, а манифестацијата ќе биде пропратена со изведби и акробации од страна на жонглери и аниматори“, додава Арсовски.
Со овој Новогодишен базар се продолжува традицијата, бидејќи Општината оваа активност ја реализираше и мината година.
Ребека Спасова М-Нет