
Свечено отворање на мозаичните фонтани пред Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип. По двомесечна работа на проектот „Мозаикот денес“, на кој работеа учениците од ООУ „Ванчо Прќе“, на Светскиот ден на уметноста, се презентираше нивната работа. Во проектот во улога на ментори се јавуваат ликовиот уметник Александра Димитрова и нејзината соработничка Верица Наумова.
„Како ментор и како автор на овој проект можам да кажам дека сум презадоволна од соработката, како со установата, така и со најмладите коишто несебично се приклучија во изработката и во изучувањето на техниката мозаик. Самата техника е доста макотрпна и тешка, малтене сѐ е со своја тежина, но ова е поинаков медиум, поразличен од четката. Мозаикот бара многу повеќе енергија и труд, подготовка, но упорноста и истрајноста на младите вродија со плод и добивме прекрасни мозаични фонтани кои ќе го Центарот за култура и градот“, истакна м-р Александра Димитрова, мозаичар и ликовен уметник.
Проектот е во соработка со НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, од каде директорот Горан Трајков истакна дека ова треба да биде поттик за сите да се трудиме да го разубавиме нашиот град преку уметноста.
„Овој труд којшто се вложи од страна на учениците и менторите за овие два месеца вроди со плод, иако не беше јасно како целата приказна ќе заврши, успеавме да ја склопиме оваа слика и да покажеме дека обичноста може да ја претвориме во нешто необично, да ставиме тронка уметност и да добиеме една нова димензија за јавната површина“, истакна Трајков.
Дел од учениците кои работеа на мозаиците, задоволни од проектот истакнаа интерес за учество во понатамошни вакви активности.
„Во овие два месеца вклучивме голем дел од нашето слободно време, поминавме многу време работејќи го мозаикот, но си поминавме многу убаво и најважно е што имавме желба и љубов. Само со знаењето на техниката не може да се постигне нешто, потребно е и да се сака“, вели една од ученичките.
Станува збор за проект од национален интерес поддржан од Министерството за култура, а вакви проекти предвидено е да се реализираат и во други градови низ државата.
Ребека Спасова М-Нет