
Со свечена културна манифестација утре Општина Пробиштип ќе го одбележи празникот на градот. Во изминативе неколку недели таму беа одржани настани од областа на културата и спортот, но сепак во согласност со протоколите. Па со тоа, како што рече Градоначалникот Анастасов, препознатливоста на градот се истакнува и оваа година на еден пристоен начин.
„Со оглед на ситуацијата, како и минатата година, така и оваа имаме неколку културни манифестации согласно протоколот, но она по коешто бевме препознатливи во изминатиот период кога гледавме да опфатиме што е можно повеќе содржини од културата, од спортот, секако и забавниот дел, кога прославувавме заедно со рударите по повод празникот на Општината. Оваа година, во текот на утрешниот ден ќе имаме една свечена академија каде што ќе бидат присутни сите членови на Советот, директори на институции и компаниите коишто имаа општествена одговорност во изминатиот период“, рече Анастасов.
Како дел од утрешната програма ќе биде и ликовната изложба на Лесновската ликовна колонија со дела од самите уметници.
На свечената седница ќе бидат доделени награди и признанија за оние кои имале општествена одговорност и значење во изминатиов период или, пак, кои во својот делокруг на работа постигнале високи цели. Со таков симболичен гест Општината ќе им се заблагодари и оддаде почит.
Ребека Спасова МНет