Саса ја има најубедливата победа, Вардар Неготино доживеа тежок домашен пораз кој ќе биде запишан во историјата на ВМФЛ

По четири одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига екипата на Каменица Саса ја има најубедливата победа, откако „рудари“ со убедливи 1:8 го декласираа Вардар Неготино на популарната „Цвај арена“.

За Саса тоа беше прва победа, а до која тимот од Македонска Каменица стигна на убедлив начин и без милост го торпедираше противникот и до врв ја полни мрежата.

Вардар Неготино доживеа тежок пораз дефинитивно еден од најголемите домашни порази во Втората македонска фудбалска лига, осум погодоци пред својата публика е повеќе од јасен сигнал дека работите не одат во посакуван правец, особено ако се земе фактот што тимот од Неготино после победата во првото коло над Тетекс нанижа три последователни порази.

Четири погодоци за Саса постигна Андреј Симевски, два гола беа дело на Махир Ајрули, а пак по еден гол постигнаа Глигорче Ефремов и Бурим Алиев.

За домашниот тим Кирил Неделков беше единствениот стрелец, но една од причините на големата катастрофа на Вардар Неготино е фактот што од 30. минута беше со играч помалку откако Аделин Ќазимов заработи директен црвен картон, па го остави својот тим на цедило до крајот на мечот и со тоа мрежата на Вардар Неготино постојано се тресеше.

Саса сега на своето конто има пет бодови и се проби до десеттото место на табелат, но ја набилда и гол разликата со тоа што има 12 постигнати погодоци, додека пак Вардар Неготино прими 14 погодоци, од кои осум само на мечот со Саса.

Во следното коло тимот на Вардар Неготино рехабилитација ќе бара во Ресен против Преспа, но и овој тим во претходно коло доживеа вистинска катастрофа откако во Гевгелија беше декласиран од Кожуф, па на тој начин двете екипи кои во претходното коло во целост разочараа ќе бараат враќање на победничките патеки со фаворитска предност за Преспа.

Тимот на Каменица Саса во следното коло на домашен терен ќе ја пречека Брегалница, во обид „рударите“ да ја запрат расположената Брегалница.

Александар Ванев, М-Нет