
Утре во СРЦ „25 Мај“ ќе се комплетира второто коло на ракометната Суперлига со натпреварот меѓу Радовиш и Бутел, во меч каде гостинот од Скопје ќе биде фаворит за триумф.
Двете екипи во првото коло претрпеа порази откако Радовиш имаше можност победнички да ја отвори сезоната но во завршните минути загуби од Куманово со резултат од 34:32, иако на полувреме радовишани имаа два гола предност. Тимот на Бутел сезоната ја започна со пораз од Еурофарм Пелистер откако шампионот триумфираше со 20:29.
Бутел потоа одигра и два европски натпревари, но доживеа елиминација, откако на првиот меч кој се одигра на 6 септември Бутел славеше против Дунделаж со 27:31, но потоа на реваншот загуби со 24:29 и ја заврши европската авантура.
Набиениот распоред на Бутел може да биде предност за Радовиш кој имаше повеќе време да се подготви за мечот со тимот од Скопје, но сепак фаворитската улога ќе биде на страната на Бутел.
За Радовиш предност ќе биде што ќе игра на домашен терен и со поддршка од домашната публика.
Натпреварот меѓу Радовиш и Бутел се игра, утре, среда со почеток од 19 часот во СРЦ „25 Мај“.
Александар Ванев, М-Нет