
Денес беа одиграни натпревари од 18. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а оваа рунда донесе големо изненадување во Пробиштип, каде домаќинот Рудар со високи 3:1 го „тресна“ залетаниот Осогово.
Лидерот на табелата од Кочани важеше за фаворит за трите бодови и продолжување на победничката серија, но во Пробиштип налета на Рудар кој со перфектен меч ги сочува трите бодови и се израдува на својот осми сезонски триумф.
Победата на Рудар добива на тежина бидејќи успеа за 21 минута во вториот дел преку пресврт да го реши фаворитот Осогово. Пред крајот на првиот дел односно во 41. минута Тоше Манов го отвори резултатот со гол од пенал.
Во вториот дел Марио Атанасовски во 54. минута погоди за 1:1. Рудар продолжи со притисокот и веќе во 67. минута преку Адријан Георгиевски направи комплетен пресврт за водство од 2:1, а по осум минути игра Атанасовски со втор гол ги постави конечните 3:1 за висока победа на Рудар и голема празнична радост на публиката во Пробиштип, како и за навивачите на Рудар.

Сепак, ваквиот резултат не прави големи промени на табелата, бидејќи Осогово е на врвот од табелата со 44 бодови, но и меч помалку, бидејќи Победа од Валандово се откажа од натпреварувањето, па така, Осогово овој меч не го одигра, а сè уште не е познато како ќе биде регулиран овој меч, додека пак Овче Поле е втор со 39 бодови и има сериозна негатива која ќе биде тешко да се стигне бидејќи има четири кола до крајот, а Осогово повеќе од сигурно ќе игра бараж за влез во Втора лига.
Брегалница на својот терен во Делчево со 2:0 славеше над Карбинци, откако домашниот тим преку Иван Димитровски го отвори резултат во 19. минута и на полувреме имаше водство од 1:0. Во вториот дел Антон Ратков постигна гол и ги постави конечните 2:0.
Овче Поле на домашен терен со 2:0 славеше победа над Вардарски од Богданци. Домашниот тим важеше за фаворит за трите бодови, а Боце Ефремов уште во 7. минута обезбеди предност од 1:0 за Овче Поле на Градскиот стадион во Свети Николе.
Неизвесноста за конечниот исход од оваа средба траеше до 82. минута, кога Николче Симонов ја стресе мрежата на гостите од Богданци за конечни 2:0.
Академија Чешиново-Облешево и Тиверија одиграа меч кој не беше ефикасен, ги поделија бодовите без да постигнат погодоци (0:0).
Во Дојран се силите ги одмерија Дојранско Езеро и Малеш, во меч каде домашниот тим преку пресврт стигна до победа од 2:1.
Гостите од Берово во 43. минута преку Илија Бојчовски стигнаа до водство од 0:1 на полувреме. Во вториот дел домашниот тим за само две минути направи комплетен пресврт, откако во 70. минута Петар Илиев постигна гол за 1:1, а две минути подоцна Кирил Коколански постигна гол за пресврт и триумф од 2:1.