
ЗОО Паркот „Бриони“ по вторпат беше местото кое ги спои сите генерации по повод велигденските празници. Во рамки на Велигденскиот хепенинг кој го организира Општина Штип заедно со ЈП „Исар“, во чија надлежност е ЗОО Паркот, беше приредена манифестација со многу музика и игра, како и настап на дечињата од детските градинки во Штип.
„Организира Велигденски хепенинг со најразлични содржини за најмладите наши дечиња, за дечињата од градинките, заедно со Веселото штурче. Прекрасна манифестација, прекрасен настан, ова е место коешто нѐ спојува сите нас од најмладите до највозрасните. Нудиме различна програма и на најдобар начин сакаме да им го честитаме големиот христијански празник Велигден на сите наши сограѓани со желба за многу радост, бериќет, успех во секое семејство и во нашиот град Штип“, порача Јорданов.
На настанот беше приреден и натпревар, на кој можност да учествуваат имаа 38 дечиња, а кои со различни бои и техники украсуваа велигденски јајца. На крајот на манифестацијата се избираше и најубаво украсеното јајце.

Пригодниот настан беше можност за сите генерации да уживаат во ЗОО Паркот „Бриони“, каде во изминатиов период се поставени нови детски играчки, а зоолошката градина има и нови животни.
„Изминатиот месец имавме најразлични активности со цел уредување на ЗОО Паркот „Бриони“. Еден дел којшто беше неискористен го уредивме и сега имаме поставено мултифункционални детски играчки за да се радуваат и да си играат нашите најмали и најмили посетители, дечињата. Исто така, имаме нови жители во зоолошката градина, имаме мајмун, морски прасиња, а го зголемивме и бројот на пауните коишто се симбол на овој парк „Бриони““, вели Трајан Коцев, директор на ЈП „Исар“.
Настанот „Велигденски игри без граници“ се одржа првпат минатата година, а ваквиот начин на одбележување продолжува и годинава со тенденција да продолжи како традиција.
Ребека Спасова М-Нет