Рок од една недела за исплата на субвенциите даваат оризарите од кочанско или ќе протестираат

Рок од една недела даваат оризопроизводителите на надлежните за исплата на субвенции и дополнителните три денари. Ако до 20. месецов не ги добијат ветените пари излегуваат на масовен протест со двојна блокада, на експресниот и регионален пат Штип – Кочани. На прагот е и новата седиба, утре веќе треба да се фрла ѓубра, зелена нафта сѐ уште нема, па додаваат дека субвенциите во овој момент им се повеќе од потребни.

„Ќе се исплатат субвенциите најпрвин на лозарите, а до 20 февруари на полјоделците. Доколку до 20 не бидат испалтени субвенциите ние по 13 – 14 пат ќе ги блокираме регионалниот и експресниот пат Штип – Кочани. Јас мислам дека ќе најдат сили, затоа што сеидбата ни е веќе на прагот, односно припрема за сеидбата. Еве на 16 треба да се фрла ѓубре, да се припрема за орање, за нафта… За жал зелена нафта уште нема, производната цена ни е 32 денари епа која репродукција може да ја направиме ние. За жал не можеме. Овие субвенции ни се неопходни и дополнителните три денари, тоа што е ветено треба да го дадат“ -вели Арсов.

Килограм семе е 130 денари, нафтата сѐ уште држи висока цена, па со производна цена од 32 денари велат дека не можат да ги покријат трошоците, а камоли да им остане нешто за живот. Велат дека ако оризовата арпа не достигне цена од 35 до 40 денари, нема потреба да се произведува ориз, па стравуваат дека оризот ќе исчезне од кочанските полиња исто како и останатите култури.

„Зависи од трошоците, ама оваа цена од 35 до 40 денари ако не биде арпата нема зошто да се сее оризот. За жал оризот за одредено време од кочанските полиња ќе биде исчезнат, како репата, афионот, памукот и други култури. И да сакаме друга култура не може да сееме, мора една година две да стојат, да се стабилизират за некоја друга култура. Ние сме во страшно незавидна ситуација. Килограм семе е 130 денари, ние во старт имаме 40 илјади по единица декар и со 32 денари ние буквално не можеме да се поклопеме, а не да живееме.“ – додава Арсов.

Оризопроизводителите од кочанско испратија писмо до Премиерот и Министерот за земјодели со низа барања меѓу кои и исплата на субвенциите. Бараат разговор во четири очи за да може да се стави крај на проблемите на оризарите.

Лаура Стојанова М-Нет